Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, денеска во Собранието изрази незадоволство од одлуката на владејачкото мнозинство да не ги поддржи предложените измени и дополнувања на Законот за ДДВ. Според Битиќи, овие измени би донеле значително олеснување на семејните буџети преку намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 проценти на 5 отсто и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи.

- Ова беше можност да се стави крај на скапотијата и да се намалат трошоците за граѓаните. Наместо тоа, владејачкото мнозинство избра да ја продолжи својата политика на игнорирање на реалноста и негрижа за граѓаните, изјави Битиќи.
Тој додаде дека предложените измени би значеле 13 проценти пониски сметки за струја за над 600 илјади домаќинства, како и поевтинување на над 3.000 основни прехранбени производи.
- Во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна, рече Битиќи.
Истото, како што дополни, важи и за основните прехранбени производи. Според него, намалувањето на ДДВ од 5 проценти на 0 отсто ќе значеше директно поевтинување на храната – односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите останати основни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните.
-Но, наместо поддршка за граѓаните, гледаме политички калкулации. Имаме отфрлање на предлози коишто може да направат позитивна разлика во секојдневниот живот, посочи тој.