Светот е во длабока криза и ова е последен повик за нешто да биде променето, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето предавање вчера попладне пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку, за време на нејзината официјална посета на Република Азербејџан, јави известувачот на МИА.

Според претседателката, на 80-годишнината од создавањето на Обединетите Нации, светот се соочува со војната во Украина, закани од нестабилност и масовни миграции. Посочи дека сите носат одговорност за ваквите состојби, со чинење, но и со нечинење.
Рече дека го очекуваме почетокот на мировниот процес за Украина и дека не можеме да кажеме дека утре ќе заврши, но дека тој мора да започне што поскоро, бидејќи како што истакна, не постои лош мир, како што не постои ниту добра војна. Потребен е дијалог, наместо монолог во наоѓањето на решенија.
Посочи дека Обединетите Нации треба да имаат примарна улога во изнаоѓањето мировни решенија, како во случајот со војната во Украина, особено во ситуација кога се нудат различни концепти и од страна на ЕУ и од страна на САД, но и кога нема единствена стратегија внатре во Европската Унија. Но, посочи и на потребата за реформи на светската организација, бидејќи како што рече, 80 години по нивното формирање, не можеме да останеме со нешто што е конструирано во 1945 година. Според неа, време е за жена генерален-секретар на ОН. Укажа на потребата да биде слушнат гласот и на помалите држави. Според претседателката, видовме многу лица на глобализацијата, но мора да бидеме свесни дека мултиполарниот свет е тука и постои. Според неа, моќните треба да бидат свесни за останатите и не може да се наметнува апсолутна моќ.
Во предавањето, претседателката ги опфати концептите на политиката, од Аристотел, преку Хана Аренд до Харолд Ласвел. Ги претстави и фрапантните укажувања за важноста на Евроазија и Украина за големите сили во тезите на Халфорд Мекиндер, Николас Спајкмен, Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер.
Ако ме прашувате за кого бијат камбаните, ќе речам за човештвото и за потребата жените да ја преземат својата улога во процесот на носење одлуки, рече претседателката во своето предавање. Светот виден низ женски очи е поинаков, посочи таа.
Посочи дека во македонскиот Парламент, 42 проценти од пратениците се жени, зголемен е бројот на жени во претседателкиот Кабинет. Посочи дека нејзиниот аѓутант е жена и дека двете главни позиции во рамки на Агенцијата за разузнавање се водени од жени.
Ги истакна своите заложби за културна дипломатија и потсети на зборовите на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите.
Во контекст на односите со земјата домаќин, претседателката Сиљановска-Давкова гледа одлични можности за економска соработка и трговска размена. - Сите сме свесни за ресурсите на Азербејџан и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија, рече претседателката и изрази очекување за потпишување на декларација за пријателство и стратешко партнерство меѓу двете држави, што ќе придонесе за конкретизирање на соработката во повеќе сфери од заемен интерес.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачен почесен медал од универзитетот АДА, во знак на сеќавање за одржаното предавање.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјалната посета на Азербејџан, денеска оствари средба со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова, а во текот на денот ќе се сретне и со премиерот, Али Асадов.
Активностите на претседателката во Баку почнаа со тет-а-тет средба со нејзиниот домаќин Илхан Алијев на која беше иницирано потпишување декларација за стратешко партнерство и пријателство со фокус на јакнење на соработката во енергетиката и економијата, како и укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.