Двајца од четворицата повредни при пожарот во ноќниот клуб во Кочани, кои минатата недела беа префрлени во болници во Белгија, по успешното лекување и опоравување денеска отпатуваа за Скопје, јави дописникот на МИА од Брисел.

Минатата среда четири лица повредени во трагичниот пожар во Кочани, со специјален авион на Вооружените сили на Романија, во координација со ЕУ, беа префрлени на лекување во Белгија и сместени во болници во Брисел, Антверпен и Шарлероа.
Веднаш по најавата за нивно доаѓање во Брисел, голем број македонски државјани кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и превоз за членови на семејствата на повредените, а Амбасадата обезбеди и преведувачи, кои на повредените и нивните роднини им помагаа за превод во комуникацијата со медицинскиот персонал.
- Благодарност до сите наши сограѓани во Белгија кои покажаа силна солидарност и интерес за помош, порача македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски по повод денешното враќање на двајцата повредни во татковината.