Од вкупно 193 повредени во пожарот во Кочани, 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување. Во болниците во странство и кај нас се лекуваат уште 100 пациенти, а подобрена е состојбата на еден од четворицата пациенти кои се во критична состојба, информира изутринава министерот за здравство Арбен Таравари.

-Имаме добри вести. Вкупно од 193 пациенти остануваат за среќа само 100 пациенти кои се лекуваат, од кои за среќа денеска имаме само тројца критични. Во Македонија се лекуваат 20 пациенти. На Клинички центар петмина, во Стара градска седуммина, петмина во ГОБ ‘8 Септември’ и тројца во приватните болници. Надвор од државата се лекуваат 80 пациенти и денеска се враќаат уште двајца пациенти - еден од Полска и еден од Белгија, кажа Таравари.
Тој додаде и дека има најави за враќање на повеќемина пациенти до крајот на неделата.
Одговарајќи на новинарско прашање појасни дека засега неделава се очекува да се вратат полесно повредените пациенти, што се рехабилитирани целосно. Од следната недела треба да се разговара за враќање на лицата кои беа потешко повредени во пожарот. За нивната рехабилитација се разглаедуваат неколку опции како што е адаптација на простротот каде беше сместен ковид центарот во ГОБ „8 Септември“, но и Центарот за рехабилитација во Козле може да прими пациенти. Повтори дека има и понуди надвор од државата за пациентите на кои ќе им биде потребна подолга рехабилитација, за што трошоците ќе бидат покриени од тие држави.
Средбата со новинарите министерот Таравари, ја искористи да упати благодарност до медиумите за нивното коректно, точно покривање на катастрофалниот настан во Кочани кој ги погодил сите, не само како институции туку и како луѓе, како и за почитта кон граѓаните, пациентите и нивните семејства.
-Новинарството не е обична професија тоа е и јавна служба и вие овие две недели бевте вистински партнери на МЗ, на Владата и на целото општество, рече министерот Таравари.