Пратениците на Левица денеска во Собранието на Република Северна Македонија поднесоа предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со предложените измени се бара удвојување на рокот за застарување на кривичните дела, како и проширување на листата на дела што нема да застаруваат, особено оние поврзани со економски криминал и злоупотреба на службената положба.
Целта на предлогот, како што соопшти пратеникот Амар Мециновиќ, е да се зајакне казнената политика и да се овозможи поефикасно гонење на сторителите, без разлика кога ќе биде откриен самиот чин.
-Со измените предлагаме застарувањето на делата да биде дуплирано, па така, оние кои треба да бидат стигнати со правдата, независно од моментот кога ќе биде откриен кривичниот чин, да бидат процесирани на вистински начин и правдата да биде задоволена. Од друга страна, предлагаме и додавање на кривични дела во категоријата на дела кои не застаруваат а тие се однесуваат на економскиот криминал и злоупотреба на службената положба како еден од најголемите проблеми со кои се соочува нашето општество и политичкиот систем, изјави тој на денешната прес-конференција во Собранието.
Според него, ова ќе спречи свесно одолговлекување на судските процеси и ќе ја намали неказнивоста, која, како што рече, е еден од најголемите проблеми во општеството.
-Поради ова, сметаме дека ќе се спречи свесното одолговлекување на судските процеси со што дополнително се зголемува неказнивоста. Затоа, ова не е технички предлог, ова е директен удар врз корупцијата и очекуваме дека пратениците во Собранието ќе имаат доблест да покажат дека не можат веќе да се кријат зад законските норми и дека ќе застанат на страната на граѓаните и правдата и ќе престанат да ги бранат интересите на политичката и бизнис елитата на која припаѓаат, рече Мециновиќ.