Претседателот Црвенковски во работна посета на СрбијаСкопје, 15 октомври (МИА) - Македонскиот претседател Бранко Црвенковски денеска и утре престојува во работна посета на Република Србија.
Црвенковски ќе учествува на Самитот на земјите од Југоисточна Европа во Караџорџево, посветен на борбата против организираниот криминал и тероризмот, чиј домаќин е претседателот на Србија Борис Тадиќ.
Претседателот Црвенковски ќе има свое обраќање на Самитот, на кој е најавено учество и на неговите колеги од Албанија, Хрватска, Романија, Црна Гора, Бугарија и од Претседателството на БиХ. Предвидено е собирот да заврши со усвојување на заедничка Декларација на учесниците.
На маргините на Самитот, шефот на македонската држава ќе оствари билатерални средби со своите колеги.
За време на престојот во Србија, Црвенковски ќе посети и градови и населени места во кои живеат голем број претставници на македонското национално малцинство.
Претседателот Црвенковски придружуван од претседателот Тадиќ ќе го посети местото Јабука каде ќе се сретне со претставниците на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и претседателите на македонските здруженија.
Двајцата претседатели ќе го посетат и градот Панчево, каде ќе присуствуваат на свеченото отварање на Канцеларијата на Националниот совет на македонското национално малцинство, по што ќе имаат свои обраќања на централната прослава по повод одбележување на 60-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина.
|