Струмица најеколошка општина во државатаСтрумица, 22 март (МИА) - Општина Струмица ја доби втората награда за достигнување во заштитата и унапредувањето на животната средина за 2006 година што ја доделува Министерството за животна средина и просторно планирање, а прва меѓу општините.
Ова признание на Струмица и беше доделено за реализација на повеќе еколошки проекти спроведени во текот на минатата година во соработка со еколошкото друштво „Планетум“.
- Како струмичани можеме да се гордееме со оваа награда. Но, и не само со неа. Горди сме што Струмица е еден од најчистите градови во Републикава, за што придонесоа повеќето акции за чистење на улиците, парковите, пороите, дворовите и другите јавни површини што досега во повеќе наврати ги организираше Општината заедно со комуналното претпријатие „Комуналец“, подружницата на Македонски шуми - Беласица, еколошките друштва, училиштата и со учество на голем број граѓани, изјави за МИА градоначалникот на Струмица Зоран Заев.
Досега во оваа општина се исчистени коритата на реките Струмица, Тракања, Водочница, пороите Свети Илија и Крушевска република, како и повеќе одводни канали и други помали порои во вкупна должина од околу 50 километри. За таа намена се потрошени десетици милиони денари, а во акциите, покрај механизација од локалните претпријатија, учестуваа невработени лица кои добиваат социјална помош.
Деновиве се во тек уште две акции за комплетно хортикултурно уредување на булеварот „Маршал Тито“ и за преуредување на Градскиот парк, за што ЈПК и Општината, како што најавуваат, ќе вложат значителни средства.
Инаку, првата награда од Министерството ја доби средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје за проектот „Управување со отпад, собирање стара хартија, а третонаградена е Општина Центар за проектот „Изградба на еколошки зони - хортикултурни оази“. Наградите вчера во Скопје ги врачи министерот за животна средина и просторно планирање Џелил Бајрами.
|