Почна изградбата на пат од Мариово до селото МанастирПрилеп, 20 јуни (МИА) - Во Мариово денеска почна изградбата на пат од три километри до селото Манастир кое во последно време се споменува како место за развој на еко туризмот.
За изградба на патот, локалната самоуправа на Прилеп обезбеди 310 илјади евра од Европската агенција за реконструкција, преку КАРДС програмата.
Изведувач на работите наредните пет месеци на патот долг три километри, а широк 3,5 метри, ќе биде градежното претпријатие „Маврово“.
- Ова е првата фаза од проектот за заживување на овој дел на Мариово. По изградбата на патот мешовитата финско-македонска фирма „Лајф стајл“ ќе почне со адаптација на двете згради во селото - некогашната општинска и зградата на поранешното училиште што ги доби од прилепската локална самоуправа, вели градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Со ова и со подарувањето куќи на амбасадите во Македонија, како и со изградбата на браните Чебрен и Галиште на Црна Река се очекува Мариово, најненаселената област во државата, да заживее, вели Ристески.
Во селото Манастир денес живеат две брачни двојки стари луѓе, а поранешните жители, претежно иселени во Прилеп, на изградбата на патот гледаат нов почеток за заживување на селото и развој на туризмот во оваа еколошка област.
|