
Уставниот суд на седницата во средата укина четири одредби од правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП). Отсега ЗАМП ќе може да наплатува надомест само за користење музичките дела. Досега младоженците му плаќаа авторски права на ЗАМП за музиката на која се веселат сватовите. Колку пари ќе платат, зависи од бројот на гостите што дошле на свадбата. Цената се движи и до неколку десетици илјади денари.
Според досегашната практика, за да не пропадне свадбата, младоженците парите ги даваат во кеш, кога среде веселба претставници на Здружението доаѓаат за наплата. Но честопати младенците добиваат и фактура од ЗАМП на домашна адреса. Во еуфоријата кога се прави свадба и се плаќа за се и сешто, младенците од немај-каде ги плаќаат и овие пари.
Правилникот на ЗАМП и досега беше во спротивност со Законот за заштита на авторски права, но Здружението го користеше врз основа на одлуката на второстепената владина комисија.
Според толкувањето на портпаролот на Уставниот суд м-р Југослав Миленковиќ, Здружението сега нема да може да бара надомест заснован од бруто - приходот, т.е. од сите услуги кои се дадени за најмување просторија, ресторан, музичари, број на гости. Според најновите одлуки на Уставниот суд, плаќањето според тарифата нема да биде паушално туку по основа на остварен приход од користењето на музичкото дело.
Коментирајќи ја досегашната практика, од Асоцијацијата на приватните електронски медиуми (АПЕМ) велат дека ЗАМП работи бесправно и оти мора да му се одземе лиценцата за работа.
"ЗАМП работи како рекет служба. Имаше ситуација со Виенскиот бал кој се одржува во Скопје, кога претставници на ЗАМП дошле пред почетокот на церемонијата и не дозволувале да почне, се додека австриската амбасада не плати 80.000 денари за користење на авторски права. Организаторите му рекле на амбасадорот дека има некој човек што бара пари. На крајот се испазариле и наместо 80.000 денари, наплатиле 20.000 денари. Тоа е класичен рекет", тврди Виктор Грозданов, претседателот на АПЕМ.
Директорот на ЗАМП Зоран Васковски вели дека работат во согласност со правилникот и статутот на Здружението. "Имаме наши луѓе коишто имаат увид каде се прават свадби. Имаме направено договор со хотелите и таму можете да видите дека ЗАМП не работи како што ќе му текне. Наплаќаме според бројот на гостите, а песните се бодирани. Музичката група или, пак, младенците на свадбата треба да ни достават список на песни кои биле изведувани. Организаторот плаќа за авторските права", објаснува Васковски.
Со новата одлука на Уставниот суд, младенците или другите славеници, кога прават приватни веселби, не треба да му плаќаат надоместок за авторско право на Здружението за заштита на авторски музички права. Во Министерството за култура велат дека кога се прави свадба, крштавка, сунет или други свечености во ресторан, надоместокот кон ЗАМП треба да го платат музичарите или ресторанот каде што се прави веселбата. Во Министерството објаснуваат дека наплатата од младенците е спротивна на Законот, оти авторските права треба да ги плати тој што остварува приход од веселбата.
"Свадбарите, или матурантите, или, пак, оние што прават крштавки или сунет не остваруваат добивка, тие не се правен субјект и не треба да плаќаат за авторски права. Во случајот тие се консументи, односно корисници на услугите на оние субјекти кои авторското право го користат за остварување на нивните дејности", вели Олгица Трајковска, раководител на секторот за заштита на авторско право и сродни права во Министерството за култура.
Министерството издава и писмено мислење кога некој ќе побара од него став за надоместокот кој го бара ЗАМП.
"Министерството укажува дека веќе во пракса за тужби по оваа основа, Основниот суд Скопје 2, во првостепени пресуди, ги одбивал ваквите тужби на ЗАМП, поради нивно немање пасивна легитимација", вели Трајковска.
***
Хотелите не смеат на ЗАМП да му даваат податоци за младоженците
Хотелите и рестораните не смеат да им ги даваат личните податоци на лицата кои правеле свадба или друга приватна веселба на службите на ЗАМП, велат во Дирекцијата за заштита на лични податоци.
"Младенците не дале согласнот нивните лични податоци да бидат пренесени на трети лица. Тоа е класично отстапување од принципот за заштита на личните податоци. Податоците биле земени за потребите на хотелот, а не на ЗАМП", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата. "Оние што мислат дека им е повредено правото, можат да побараат Дирекцијата да им издаде мислење, а од 19 декември можеме да поведеме и прекршочна мерка", вели Марушиќ.