Словенечка фирма ќе гради хипермаркет во СтрумицаСтрумица, 27 февруари (МИА) - Во рамките на амбициозната четиригодишна програма за отворање на 20 маркети во Република Македонија, за што ќе бидат инвестирани вкупно 90 милиони евра, словенечката фирма „Енгро туш“ планира до крајот на годинава да почне со изградбата на хипермаркет во Струмица, кој ќе зафаќа корисна површина од 4.500 квадрати.
За оваа намена Словенците регистрираа посебно трговско друштво „Туш Македонија“, а неодамна купија и градежна парцела од 10.500 метри квадратни државно земјиште кое се наоѓа на атрактивна локација до новата автобуска станица на транзитниот пат кон Радовиш. Тоа го потврдуваат и во локалната самоуправа на чијашто сметка за преземањето на оваа локација деновиве биле уплатени средства за данок на промет со недвижности.
- Донесувањето на Деталниот урбанистички план за овој дел од градот е во тек. По неговото усвојување од страна на Советот на Општина Струмица, на словенчкиот инвеститор ќе му издадеме одобрени и документација за градба на објектот, изјави за МИА Стојан Динев, раководител на Секторот за урбанизам, комунални работи, заштита на животната средина и локален економски развој.
Покрај продажбата на словенчки артикли во Струмица, „Енгро туш“ ќе врши откуп и ќе ги снабдува своите супермаркети во Словенија и во земјите од Европската унија со свеж, вакумиран и конзервиран зеленчук, како и со други земјоделски производи од Струмичко кои се интересни за европските купувачи.
Групацијата „Туш“ исто така се занимава и со трговија на мебел, текстил, хартија, нафтени деривати, со угостителство и друго.
|