Санкт Петербург, 7 јуни (МИА) - Руската федерација ќе остане доследна на ставот за употреба на уставното име на Република Македонија, изјави денеска македонскиот шеф на државата Бранко Црвенковски, по средбата со рускиот претседател Дмитри Медведев.
- Од негова страна добив уверување оти без разлика на некои барања кои што од грчка страна во континуитет допираат до Москва, Руската Федерација нема да го менува својот принципиелен став. Одлуката која што еднаш е донесена ќе се почитува во наредниот период односно ќе биде респектирано и почитувано уставното име на нашата земја, изјави претседателот Црвенковски, по средбата што се одржа на маргините на 12-от Меѓународен економски форум во Санкт Петербург.
Ова е прва средба на македонскиот претседател Црвенковски со рускиот претседател Медведев, која се случува само еден месец од неговото стапување на оваа функција. - Да се сретнам со претседателот на Руската Федерација само еден месец од неговото преземање на функцијата за мене претставуваше една извонредна прилика, изјави Црвенковски, додавајќи дека секоја средба на македонски државници со нивните руски колеги е особено значајна.
На средбата, како што изјави претседателот Црвенковски, станало збор за билатералните односи меѓу двете држави, за можноста за инвестирање во Република Македонија од страна на руски компании, како и за Косово, како едно од балканските позначајни прашања.
Шефот на државата посочи дека не добил никакви сугестии од Медведев во однос на македонскиот став за Косово и стабилизирањето на состојбата. - Ниту на средбата со сега рускиот премиер Владимир Путин во Загреб, ниту сега со Медведев не беше спомената никаква сугестија. Секоја држава одлучува по свое наоѓање. Ние тоа и ќе го направиме водејќи сметка за нашите интереси, но и за ставовите на оние структури кон кои се стремиме а тоа се НАТО и ЕУ, изјави Црвенковски.
Македонските опредлби за НАТО и ЕУ, како што рекол Црвенковски, се од регионален и безбедносен карактер, јави известувачот на МИА од Санкт Петербург.
Тој на средбата го претставил македонскиот интерес за поголемо инвестирање на руските компании во Македонија, но не само во делот на енергетиката односно гасификацијата и нафтениот бизнис. Претседателот Црвенковски посочи дека за Македонија се од особена важност соработките со компании како Гаспром, бидејќи ние допрва треба да градиме гасоводна инфраструктура и да го донесеме гасот во Македонија.
Претседателот Црвенковски денеска учествуваше на 12-от Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, чиј покровител е рускиот претседател Дмитриј Медведев.
Тој смета дека е особена важност во иднина на овој собир, на кој учествуваат првите луѓе на многу големи светски и руски комапнии, бизнисмени, научници, да присуствуваат и луѓе од македонската економија.