Младите преземаат локални иницијативи за решавање на нивните проблеми Скопје, 11 јуни ( МИА) - Младинскиот образовен форум - МОФ денеска го презентира проектот „Младите за отвореното општество - Локална младинска иницијатива“, што започна шести овој месец, а ќе трае до 30 јуни.
МОФ, во соработка со Фондацијата Институт отворено општество, 14 организации и фондации, ќе го имплементира проектот и во следните три години ќе организира 100 настани во различни градови.
Илија Жупаноски, претседател на МОФ, на прес- конференцијата информираше за дејствувањето на младите во насока на зачувување на животната средина и јакнење на еколошката свест.
- Со развојот на локалната младинска иницијатива, младите треба да ги менуваат работите што им пречат и ги ограничуваат и да учествуваат во одлучувањето на локално ниво, рече Жупаноски.
Тој додаде дека тренинг центарот на МОФ ќе организира најразлични тренинзи и обуки од областа на неформалното образование.
- Младите од сите градови во Републикава заслужуваат внимание и треба да бидат слушнати, потенцира Жупаноски.
Ана Бојаџиевска, координатор на дебатната програма во МОФ, најави дека во 15 средни училишта низ земјава ќе бидат отворени дебатни клубови.
- Сакаме да ги поттикнеме младите критички да размислуваат, да дискутираат за проблемите со кои се соочуваат секојдневно и на тој начин да изнаоѓаат можни решенија за нив, рече Бојаџиевска.
До сега се завршени проектите во Делчево и Штип за зачувување и разубавување на животната средина. Младите во Струга одлучија дека им е најпотребен базен за да спортуваат, а денеска во Ресен се дебатира за дрогата и алкохолот.
Младинските настани ќе опфатат изложби, концерти, промоции, едукации, тренинзи, јавни дебати, радио работилници, видео клипови, интернет акции и средби со граѓани.
|