Прилеп се збратими со турскиот град ТиреПрилеп, 6 јули (МИА) - Прилеп викендов се збратими со турскиот град Тире. Градоначалниците на Тире Мехмет Ситки Ичели и на Прилеп Марјан Ристески по тој повод во Паркот на револуцијата засадија дрво на пријателството и потпишаа Меморанудмот за соработка.
- На овој начин ќе се продлабочи соработката меѓу Македонија и Турција. Ова збратимување ќе биде мост меѓу двете држави. Ќе се соработува на полето на економијата, социјалата и културата, а ќе има и многу заеднички проекти, најави градоначалникот Ичели, кој ја предводи турската делегација во Прилеп.
Прилеп, како што рече градоначалникот Ристески, веднаш ја почнува соработката најавена пред две години во Измир. - На 25 август делегација ќе учествува на фолклорен фестивал во Тире и на Стопански саем во Измир. Стопанската комора ќе подготви и делгација на неколку фирми кои ќе се претстават и ќе разменат информации за настап на странските пазари, вели Ристески.
Градот Тире се наоѓа во близина на Измир, има 80-ина илјади жители и околу 5.000 иселеници од Македонија.
- Тире има фабрики за производство на цигари и затоа може наскоро прилепскиот тутун да стигне во фабриките, а на турскиот пазар да се најде и познатиот прилепски мермер, вели градоначалникот на Тире Ичели.
Двајцата градоначалници најавија дека наредната посета на Прилеп ќе биде од стопанска делегација од збратимениот турски град.
|