Штип, 5 мај (МИА) - Скелетот Славе Македонски, кој беше пронајден на локалитетот „Гранчарица“ во близина на штипското село Крупиште има 6.745 години и живеел во раниот неолит.
Директорот на Музеј на град Штип Зоран Читкушев изјави дека радиокарбонатниот сертификат, направен на универзитетот во Глазгов-Шкотска покажа дека скелетот Славе Македонски е најстариот во Југоисточна Европа.
- Направените анализи од примероците испратени на универзитетот во Шкотска можат да отстапуваат во годините на скелетот со плус или минус 30 години, рече Читкушев. Тој додава дека локалитетот„Гранчарица“ според овие анализи за скелетот Славе Македонски е од раниот неолит и е најстариот во Југоисточна Европа.
Во штипскиот музеј скелетот Славе Македонски ќе биде изложен заедно со трите печки на 18- ти мај на Денот на музеите, а локалитетот „Гранчарица“ ќе се претвори во туристичка атракција.