Иванов ќе работи во новата резиденција „Анекс“ на ВодноСкопје, 11 мај (МИА) - Новиот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе работи во кабинет во новата резиденција од околу 2.500 квадратни метри на Водно, таканаречената вила „Анекс".
Новата резиденција која почна да се гради во 2004 година е целосно одвоена од претседателската вила во којашто живее претседателот. Вилата и работната резиденција се на оддалеченост од околу три километри, не им граничат ни дворовите и не се поврзани ни со подземни канали. Вилата „Анекс“ има приземје и кат кој е на повеќе нивоа. Таа е составена од стар и нов дел. Стариот дел кој е реновиран е остаток од некогашна државна вила која во минатото ја користеле функционери, а новиот е граден изминатите четири години, а за изградбата од државната каса се потрошени околу пет милиони евра.
Во вилата, освен канцеларијата на претседателот има посебни работни простории за неговите служби, како и посебни простории за состаноци и приеми. Мебелот ќе биде модерен и со национални обележја.
Во паркот околу вилата ќе бидат засадени чемпреси, елки и други зимзелени дрвја, пространи тревници и цветни градини.
Сегашните простории во Парламентот кои служеа како претседателски кабинет ќе бидат отстапени за потребите на собраниските служби. Во канцеларијата на Црвенковски ќе се всели собранискиот спикер Трајко Вељаноски, а канцелариите на советниците на досегашниот претседател ќе станат канцеларии за 17 пратеници.
|