Во Стоби откриен храм на римско божество Велес, 7 јуни (МИА) - Во археолошкиот локалитет Стоби, каде работите се во полн ек, е пронајден храм на едно од многуте почитувани римски божества.
- Не знаеме на која божица и бил заштитник, но очекуваме и тоа да го разјасниме, изјави директорката на Националната установа „Стоби“ Силвана Блажевска.
Посебно интензивно се истражува доцниот шести век од нашата ера што е крајот на животот во Стоби, а што досега многу малку бил истражуван. - Целта ни е да откриеме зошто замрел животот во Стоби, дали тоа бил големиот земјотрес или доаѓањето на многу пљачкашки варварски и други племиња. Веќе го откривме целото урбано јадро на градот, се отвораат улици, куќи од овој период, кои се наоѓаат веднаш над епископската базилика, појаснува Блажевска.
Се работи и на реконструкција на една од трибините во римскиот амфитеатар, што е многу значајно.
- Се планира да се спушти подот на кој се наоѓа некрополата, за да се истакнат бедемите на Стоби. Тие потоа ќе бидат осветлени и би се гледале од автопатот, а тоа да биде интересна туристичка атракција. Се работи и на реконструкција на објектот Римски форум каде се истражува веќе пет години и има интерсни нови откритија. Исто така се планира и целосна реконструкција на една римска куќа, вели Блажевска.
Истражувањата во Стоби започнаа во март и ќе траат до крајот на годинава, а ќе продолжат и минимум уште во наредните две години. На локалитетот се ангажирани 600 работници и археолози од Македонија. - Се очекува наскоро како реципроцитет во Стоби да дојде на истражување една група руски археолози, најави Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
|