Почна конзервација на дел од тетовското калеТетово, 10 јули (МИА) - Директорите на Управа за заштита на културното наследство и на Националниот конзерваторски центар, Паско Кузман и Бехиџудин Шехапи денеска го означија почетокот на конзервацијата и реставрацијата на трпезаријата од летниот конак на Абдул Рахман паша на археолошкиот локалитет „Балтепе“ на тетовското кале.
- Крајната цел е овој монументален објект од 18 век да биде конзервиран, заштитен, реставриран, а на некои места и реконструиран, со што градот ќе добие уште еден монумент кој ќе привлекува туристи, рече Кузман.
Директорот на Националниот конзерваторски центар, Бехиџудин Шехапи рече дека тврдината, која е од 18 век, ја сочинуваат повеќе објекти, сарај, трпезарија, касарна, конак, стражарница, затвор, подземен тунел, главно со војничка намена.
Конзервацијата и реставрацијата ќе чини околу 18 милиони денари, а работите предвидено е да завршат за шест месеци и истите ќе се адаптираат во музејски изложбен простор. По завршувањето на конзерваторските работи, кои ги врши „Бибај-компани“ од Тетово, кон крајот на годинава или идната ќе продолжат археолошките истражувања.
Археолошките и конзерваторските зафати се дел од проектот на Министерството за култура за истражување на локалитетот. Активностите почнаа лани, а ќе траат до 2012 година. Во ланските археолошки истражувања покрај стручни лица од државата учествуваа и експерти од Косово и од Албанија.
|