![](http://images.idividi.com.mk/images/state_department2.jpg)
Скопје, 26 октомври (МИА) - Не е мало достигнување тоа што во Македонија луѓето генерално се чувствуваат слободни да ја практикуваат својата вера јавно и приватно. Македонија има многу добра законска основа за слободата на вероисповед во Законот за статусот на цркви, религиозни заедници, и религиозни групи, од 2007, кој им овозможува на поединците слободно да ја практикуваат својата вера, и овозможува повеќе групи и заедници од една вера да се регистрираат и стекнат правен статус, се вели во Извештајот за верските слободи за 2009 година што денеска го објави Стејт департментот.
Слободата на вероисповед, се наведува во извештајот, е од особена важност во мултиконфесионални и мултиетнички земји како што е Македонија.
-Како и да е, ние остануваме загрижени дека законски гарантираните права на религиозните организации да се регистрираат, не се почитуваат до крај. Судот надлежен за регистрација на верски организации, согласно новиот закон од 2007, Скопје 2, постојано ги пробиваше роковите за регистрирање на нови, и има регистрирано само мал процент од религиозните организации кои побарале регистрација во период од повеќе од една година откако судот ја презеде одговорноста за регистрирање, се вели во Извештајот.
Стејт Департментот го објави Извештајот за верските слободи за 2009 година, што го покрива периодот од 1 јули 2008 до 30 јуни 2009 година. Извештајот, обврска дадена од Конгресот на САД, ја промовира слободата на вероисповед и го разгледува статусот на верската слобода во 198 земји.
Амбасадата на САД во Скопје, како што се вели во соопштението оттаму, имаше бројни можности да придонесе кон дијалогот за верските слободи во Македонија во годината што измина, вклучително и преку Програмата за тематски посети на САД, насловена „Верскиот живот и јавната сфера,“ кога група од претставници на разни религиозни заедници и невладини организации имаа можност да видат каква е меѓусебната врска на религијата и државата во САД, потоа преку презентации во Американските катчиња на теми поврзани со верата и општеството, како и преку разговор официјални лица во Македонија и со религиозни групи и заедници во врска со имплементацијата на Законот за верски заедници.
Соединетите Американски Држави ќе продолжат со својата активна промоција на верска слобода и заемна почит тука во Македонија и низ светот, се наведува во соопштението од Американската амбасада.