Брисел, 28 октомври (МИА) - Средбата на премиерот Никола Груевски со Оли Рен закажана за денеска во Брисел е одложена поради здравствени проблеми на еврокомесарот за проширување.
Кабинетот на Рен соопшти дека тој морал да ја одложи средбата откако му се слошило и го загубил гласот на вчерашниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург.
- Комесарот жали за одолжувањето на средбата на која планираше лично да му честита на премиерот Груевски за исполнетите реформи што и овозможи на Европската комисија да препорача почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ. На средбата се очекуваше да стане збор и за идните реформи, како и за последните случувања во процесот за наоѓање решение за прашањето за името со Грција. Комесарот Рен телефонски ќе го контактира премиерот Груевски веднаш штом му се врати гласот, се вели во соопштението од кабинетот на Оли Рен.
Шефот на македонската Влада попладнево во Брисел треба да се сретне со високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, а утре ќе учествува на Самитот на европските народни партии.