Скопје, 29 октомври (МИА) - Во Хашкиот трибунал денеска ќе биде одржана јавна седница по жалбата на одбраната на Јохан Тарчуловски за изречената 12-годишна затворска казна за случајот „Љуботен“.
Одбраната и обвинителството на јавната седница ќе ги соочат аргументите по жалбените наводи на пресудата, по што ќе се чека одлуката.
Адвокатот на Јохан, Антонио Апостолски, за МИА изјави дека очекува Судот да ја објави одлуката за жалбата на крајот на оваа или во почетокот на идната година.
Брзо завршување на постапката и тоа со ослободителна пресуда, како што изјави неодамна, очекува и американскиот адвокат Нејтан Дершовиц кој заедно со својот брат Алан го застапуваат Јохан пред Трибуналот во Хаг.
- Јас сум голем оптимист и верувам дека можеме да победиме. Околностите се такви што ни даваат право да бидеме оптимисти. Се надевам дека Тарчуловски многу бргу ќе биде пуштен на слобода. Очекуваме процесот да заврши најдоцна во почетокот на наредната година, се разбира со ослободителна пресуда за Јохан, вели Дершовиц.
На денешната седница во Хашкиот трибунал ќе биде разгледана и жалбата на обвинителството за ослободителната пресуда на Љубе Бошкоски.
Едина Рашидовиќ, адвокатката на Бошкоски, очекува жалбата да биде одбиена бидејќи, според неа, обвинителството не понудило ништо ново за да има каква било промена на пресудата.
Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски беа единствените македонски државјани кои беа процесуирани во Хашкиот трибунал за случувањата за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Судскиот совет на 12 јули лани го ослободи Бошкоски од обвиненијата за извршени злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски го осуди на затворска казна од 12 години.