Скопје, 29 октомври (МИА) - Погрешна е претставата дека ЕУ врши повеќе притисок врз Македонија за решавање на спорот со името, изјави денеска евроамабасадорот Ерван Фуере, кој учествуваше на панел дискусијата на тема: „Напредокот на Западен Балкан во извештаите на Европската комисија“ во организација на Советот за глобална соработка.
- Многу пати беше јасно кажано дека се поттикнуваат двете страни. Секоја иницијатива или состанок кој може да помогне двете земји да изнајдат заедничко решение не е само поттикнуван туку и охрабруван, изјави евроамбасадорот.
Во однос на прашањето за евентуално одржување на рефрендум за името, Фуере посочи на веќе изнесениот став од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбсносна политика Хавиер Солана и на еврокомесарот за проширување Оли Рен дека секоја земја е суверена да одреди дали ќе организира референдум.
- Се прашувам зошто постои оваа опседнатост со референдумот во оваа фаза. Се уште нема ни договор за компромис меѓу двете страни. Ова е прв мост што треба да се помине, а постојат и други мостови што треба да се минат. Но, ако треба да се случи референдум тоа е решение на Парламентот, тогаш ќе очекуваме секако Владата да обезбеди услови и средина која ќе избегне каков било натпревар или патриотизам. Ако има референдум би очекувале да се направат сите напори да се обезбеди резултат на еден интензивен дијалог и консензус меѓу сите страни, истакна европретставникот. Фуере оцени дека моментот за компромис е многу позитивен.
Во однос на должината на преговорите за членство во ЕУ, Фуере повтори дека е важно тие да не се потценуваат. Ги посочи примерите со Ирска, Бугарија, Романија и Словенија, за која рече дека била една од најнапредните земји на која и требале четири години да ги заврши преговорите.
- Во Македонија има многу да се направи особено во поглед на јавната администрација. Во многу од овие земји јавната администрација го успорува или го води напред овој процес. Имајте го предвид ниското ниво на реформите во јавната администрација. Владата прави напори да се подобри ситуацијата за што е потребно извесно време. Затоа е погрешно да се направи било каква прогноза односно да се процени колку време ќе одземат преговорите, изјави евроамбасадорот потсетувајќи на нужниот општествен консензус и јавните дебати.
Пратеничката Радмила Шекеринска, која истовремено е и претседател на Националниот совет за евроинтеграции рече дека очекува по денешната средба со грчкиот премиер Јоргос Папандреу, претседателот на македонската Влада Никола Груевски да информира за разговорите, но и да свика лидерска средба на која би се разговарало за прашањето за името.