Скопје, 29 октомври (МИА) - Јохан Тарчуловски не е одговорен за полициската акција во Љуботен, која беше легитимна и според меѓународното право не може да се смета за воено злосторство, и затоа тој треба да да биде ослободен од сите обвиненија.
Тоа го побара одбраната на Тарчуловски на денешната јавна седница во Хашкиот трибунал образложувајќи ја поднесената жалба за изречената 12-годишна затворска казна за случајот „Љуботен“.
- Настаните во Македонија во 2001 година согласно оценките на меѓународната заедница не можат да се третираат како оружен конфликт, а инцидентите што се случија не можат да се сметаат за воени злосторства. Љуботен е случај без директен доказ за извршено воено злосторство, кој има локален карактер и треба да се процесуира во Македонија, истакна Алан Дершовиц, адвокатот на Јохан.
Дершовиц нагласи дека Владата имала основано право да се сомнева дека во Љуботен имало терористи, по терористичката акција на 10 август 2001 година кога во близина на селото беа убиени 10 припадници на безбедносните сили.
Одлуката за полициската акција во Љуботен, како што посочи Дершовиц, според меѓународното право е легитимна бидејќи се работи за самоодбрана на државата што не е земено предвид од Хашкиот трибунал во судскиот процес против Јохан Тарчуловски.
Според него, не може да се тврди дека жртвите биле цивили само поради тоа што не носеле униформи, но неоспорно е дека во селото се криеле и им била давана логистика на припадници на ОНА.
Обвинителството, пак, остана на тврдењето дека акцијата во Љуботен била нелегитимна и преземена како одмазда за убиството на десетте припадници на безбедносните сили.
Одлуката за жалбата, според досегашната пракса на Судот, треба да биде донесена до крајот на годинава или во почетокот на 2010. Адвокатите на Тарчуловски очекуваат конечната судска одлука да биде ослободителна пресуда за Јохан.
Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски беа единствените македонски државјани кои беа процесуирани во Хашкиот трибунал за случувањата за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Судскиот совет на 12 јули лани го ослободи Бошкоски од обвиненијата за извршени злосторства во скопското село Љуботен, а Тарчуловски го осуди на затворска казна од 12 години.