Атина, 29 октомври (МИА) - Грчкиот премиер Јоргос Папандреу на денешната прва средба со македонскиот премиер Никола Груевски во Брисел ја прецизирал позицијата на Грција во однос на прашањето за името и за можноста за отпочнување на преговорите за членство на северниот сосед во ЕУ, јави агенцијата АНА-МПА.
Според дипломатски извори на кои се повикува грчката национална новинска агенција, Папандреу истакнал дека Грција сака да има водечката улога на Балканот, особено во евроинтеграцијата на земјите од регионот, што според него треба да биде комплетирана 2014 година, кога се одбележуваат 100 години од почетокот на Првата светска војна.
- Грција, сака во таа рамка да биде вклучена и ПЈРМ, но, за тоа треба да бидат исполнети некои предуслови. Грција инсистира на националната „црвена линија“. Решавањето на името е прв и суштински предуслов за да можната да почнат пристапните преговори за членство на ПЈРМ во ЕУ, пренесува АНА - МПА, посочувајќи оти на средбата било категорично кажано дека решението треба да се бара во име со географска одредница за севкупна употреба.