Скопје, 8 ноември (МИА) - Кај 20 лица се потврдени позитивни резултати на новиот тип на вирус А (Х1Н1) во последните 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство.
Сите лица се прегледани на Клиниката за инфективни болести и се под соодветна медицинска терапија. Во моментот има хоспитализирано девет пациенти со лесна и средно тешка клиничка слика.
Министерството информира дека денеска работна средба одржала Комисијата за пандемски грип со која раководел министерот за здравство Бујар Османи, каде се донесени препораки и заклучоци за заштита на населението од натамошно ширење на новиот тип на грип А (Х1Н1).
- Се препорачува сите ученици од средното училиште „Лазар Таневски“, кои биле на организирана екскурзија во Турција да не посетуваат настава во следните седум дена. Лицата кај кои е потврден вирусот и се лекуваат во домашни услови да останат во изолација најмалку седум дена, стои во соопштението.
Комисијата препорачува да се избегнува учество на масовни собири, како една од можностите за ширење на инфекцијата од грип и во здравствените установи да се ограничат посетите на болни лица, со почитување на мерките за заштита од интрахоспитални инфекции.
Граѓаните со симптоми на грип се советуваат веднаш телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар, а при посета кај лекар да стават заштитна маска или марамче за да спречат ширење на инфекција кај други лица, а здравствените работници при преглед на пациенти со симптоми сомнителни на грип да носат заштитна маска, стои во соопштението на Министерството за здравство.