Скопје, 10 ноември (МИА) - Според последните податоци од лабораторијата на Институтот за јавно здравје добиени попладнево во 17:30 часот кај 32 лица е потврдено присуство на новиот тип на вирус А (Х1Н1) .
Дел од овие лица престојувале во странство, а дел се без епидемиолошки податок за патување надвор од државата.
Во текот на денешниот ден, соопштуваат од Министерството за здравство, редовна средба одржала Комисијата за пандемски грип која препорачува учениците од ДСУ „Никола Карев“ кои се вратиле од екскурзија во Будимпешта да не посетуваат настава во период од следните седум дена.
Комисијата на денешната средба заклучи да се одложат сите планирани ученички екскурзии во државата и надвор од неа и оцени дека нема потреба за масовно носење маски поради непостоење епидемиолошка оправданост.
Оттаму напоменуваат дека маски треба да носат здравствените работници при преглед и лекување на пациент, како и лицата со симптоми на грип при посета на лекар или лице кое врши негување на заболен во домашни услови.
Препорака од Комисијата е секој болен со симптоми на грип да не учествува и да не посетува масовни собири и да ги почитува препораките на лекарот за лекување и за домашна изолација.