Скопје, 30 ноември (МИА) - Советот на министри за внатрешни работи и за правда на земјите членки на ЕУ денеска во Брисел треба да ја донесе конечната одлуката за симнување на шенгенската бариера за Македонија, Црна Гора и Србија од 19 декември годинава.
Одлуката со која трите земји се префрлаат од „црната“ на „белата“ Шенген листа се носи со квалификувано мнозинство, односно треба да ја поддржат две третини од земјите членки на ЕУ, а ќе биде официјално соопштена на прес-конференција во Брисел.
Во текстот на одлуката, како што информираа претставници на ЕУ во Македонија, ќе се наведе и оти без визи од 19 декември ќе може да патуваат само лицата кои поседуваат биометриски патни исправи. За граѓаните со стари патни исправи ќе важат условите за олеснет визен режим и тие ќе треба да приложат важечка шенген виза.
Визната либерализација на Македонците ќе им овозможи да патуваат во 25 од 27 земји членки на ЕУ, со исклучок на Велика Британија и Ирска, и во уште три европски земји - Норвешка, Швајцарија и Исланд. Укинувањето на визите се однесува и на Грција, но бидејќи Атина не ги признава македонските патни исправи, на влезот во земјата на патниците ќе им биде издаван лист со печат од царинските власти кој треба да се приложи при излезот од државата. Визи нема да бидат потребни ниту за патувања во Бугарија и Романија, кои се уште не ги исполниле условите за влез во Шенгенот, но ги спроведуваат одлуките на ЕУ.
Безвизниот режим, сепак, не значи можност за неограничен престој или работа во земјите од ЕУ.
- Прашањето на визната либерализација е прашање на доверба на ЕУ кон Македонија и македонските граѓани, посочуваат претставниците на ЕУ.
Македонските државјани ќе бидат ослободени од визата од типот „Ц“ која се однесува на кус престој, главно за посета на пријатели, роднини или за туристички патувања во државите вклучени во шенгенскиот систем најмногу до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година.
За подолг престој во ЕУ ќе биде потребна виза од типот „Д“, која се однесува и за студиски и работен престој во Унијата, а се аплицира во амбасадата на земјата-дестинација.
Останува стандардната процедура која се применува за патници од трети земји, при влез во земја членка на Шенген, граничниот службеник да побара образложение за целта на патувањето, местото на престојување и за тоа дали може да го покрие финансиски престојот. За оние граѓани кои не се во можност да го финансираат својот престој, се препорачува да приложат и гарантно писмо од лицето кај кое ќе престојуваат.
Во случај да бидат вратени, граничниот службеник е обврзан да му даде писмено образложение за неговата одлука, кое може да се искористи за поднесување жалба до надлежните органи во таа земја.
Со цел информирање на јавноста во земјата за условите под кои ќе се спроведува безвисниот режим од 19 декември, пред стартот на неговата примена ќе бидат доставени лифлети до повеќе професионални здруженија и туристички агенции, а ќе бидат дистрибуирани и преку дневните весници.
Меѓу препораките се посочува македонските граѓани да внимаваат при изборот на туристичката агенција со која патуваат, да си обезбедат патничко и здравствено осигурување, за патување со свое возило да поседуваат меѓународна возачка дозвола и зелен картон за возилото.
Во моментов, според податоците на МВР, издадени се над 480 илјади биометриски пасоши, што е над 75 проценти од популацијата која патува.
ЕК на 15 јули предложи укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора од 1 јануари 2010 година, откако експертските извештаи на Комисијата констатираа дека трите земји ги исполниле условите од патоказот за визна либерализација. По иницијатива на Словенија, одлуката за укинување на визите за граѓанитре на трите балкански земји ќе се применува десетина дена порано, односно од 19 декември, годинава. Се оценува и дека олеснетото патување во ЕУ значајно ќе придонесе и кон процесот на евроинтеграција на земјите од Балканот.