Атина, 1 декември (МИА) – Премиерот на Грција Јоргос Папандреу и заменик министерот за надворешни работи Димитрис Друцас на денешните одвоени средби во Атина со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски ги повторила грчките позиции во однос на прашањето за името во контекст на евроинтеграцијата на Македонија, јави известувачот на МИА.
Како што информира по средбите министерот Милошоски, според она што му го пренеле Папандреу и Друцас, нема разлика во позициите на Грција во врска со аспирациите на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.
Милошоски рече дека пред претстојниот Самит на ЕУ на кој треба да се одлучува за датум за преговори, очекува од Грција да размисли за своите чекори и да биде прагматична во однос на евроинтеграцијата на Македонија.
- Попречувањето нема да биде полезно за ниту една од страните, како и за процесот кој се води во ОН, оцени македонскиот министер за надворешни работи.
За можноста одредувањето датум за старт на преговорите да не се најде на агендата на Самитот на ЕУ, Милошоски смета дека тоа ќе го наруши кредибилитетот на Унијата и на Европската комисија која препорача отворање на пристапните преговори.
- За самиот кредибилитет на ЕУ и особено на ЕК треба да се има предвид дека нивните препораки и извештаи се дел од расправите на Европскиот совет, инаку агендата на Советот не би имала смисол. Сметам дека и шведското претседателство, и земјите членки на ЕУ, и ЕК, би требало да имаат голем интерес она што е препорачано од ЕК да биде дел од расправата и од политичките одлуки кои треба да ги донесе Европскиот совет, изјави шефот на македонската дипломатија.
Милошоски на средбите со Папандреу и со Друцас на маргините од 17. Министерски состанок на ОБСЕ во Атина покренал две иницијативи за унапредување на односите меѓу двете земји.
Првата за подигање на нивото на дипломатски односи, односно Какцеларијата за врски на Грција во Скопје да прерасне во Амбасада, а втората за потпишување договор за избегнување на двојното оданочување, иницирана од грчките стопанственици кои инвестирале во Македонија со цел да се олесни нивната работа, за дополнително зацврстување на економската соработка.
Грчката страна ветила дека овие предлози сериозно ќе бидат разгледани. Според Милошоски, за нивна реализација не мора да се чека решението за спорот. Со тоа, како што нагласи, ќе се даде уште еден позитивен импулс во зацврстувањето на билатералните односи и ќе се направи исчекор во однос на решавањето на главното прашање - за името.