Скопје, 1 декември (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска ја поздрави одлуката на Советот на министри за внатрешни работи и правда на ЕУ за укинување на визите за македонските граѓани, истакнувајќи дека тоа е потврда за сработеното од сите институции, но и севкупната поддршка на македонските граѓани во остварувањето на стратешката цел - евроатланските интеграции.
- Визната либерализација, односно слободниот проток на луѓе, е дел од индивидуалните човекови права. За 18 дена и формално за нашите граѓани ќе падне Шенгенскиот ѕид, а со тоа и тие ќе можат без визи и без сите оние турканци пред амбасадите слободно да патуваат во Европа на која и припаѓаме цивилизациски и културно. Сакам на сите граѓани уште еднаш да им се заблагодарам за нивната поддршка, а во исто време да ги повикам сега кога ќе можат слободно да патуваат во Европа, од било која причина и повод, да им покажат на своите европски пријатели дека и ние сме дел од Европа, рече Вељаноски.
Тој, во контекст на остварувањето на реформите потребни за остварување на визната либерализација, ја истакна и улогата на Собранието, и во овој мандатен период, но и во минатите, кое ги донесе оние специфични закони кои директно се однесуваат на неа.
- Притоа, морам уште еднаш да ја истакнам работата на сите нас кои сега седиме во Парламентот, бидејќи тоа што го сработивме беше оценето од страна на Европската комисија како голем и квалитетен чекор напред во процесот на интеграција во ЕУ. За сето ова изразувам благодарност до сите пратеници и до потпретседателите на Собранието на Република Македонија кои заедно со мене се одговорни за работата и успешното функционирање на законодавниот дом, изјави претседателот на Собранието.
Вељаноски потенцираше дека Парламентот со своето работење ќе продолжи во остварувањето на евроатлантската определба, бидејќи, како што истакна, се потврдило дека законодавниот дом е локомотивата на европски воз за Македонија.