Скопје, 1 декември (МИА) - Македонија од Холандија ќе купи вакцини по набавна цена од производителите „Новартис“ и „Глаксо Смит Клајн“.
Министерот за здравство Бујар Османи на денешната средба со новинарите информираше дека Комисијата за пандемски грип ќе утврди колку вакцини ќе бидат набавени и оти до крајот на неделава ќе се почне со вакцинација на ризичните групи кои треба да добијат потврда од матичен лекар и да се пријават во заводите за вакцинирање.
Деновиве се очекува да пристигнат 20.000 дози вакцини од производителот „Бакстер“.
Османи повика да не се создава слика кај граѓаните дека вакцините се опасни и укажа оти последиците од невакцинирањето ќе бидат многу поголеми отколку некои несакани ефекти кои можат да се појават од вакцинацијата.
Тој најави дека освен дежурствата на матичните лекари кои стартуваат денеска, се продолжува нивната втора смена до 22 часот. Секој матичен лекар ќе дежура на 25 дена.
Во рамки на препораките донесени денеска од Комисијата, активирано е дополнително Одделение за инфективни болести во Воената болница, Институтот за белодробни заболувања од денеска прима деца со полесна клиничка слика, а Детската клиника ќе прима само потешки случаи на новиот грип. Воената болница треба денеска да информира колкав кадар е потребен за новото одделение.
Претседателот на Комисијата за пандемски грип Јованка Костовска истакна дека во последните два месеца клинички се пријавени 8.891 случај на заболени од грип од кои последната недела се над 5.000. Таа информира дека веќе не се делат случаите на сезонски и нов грип.
По инфективните одделенија низ државата во текот на минатата недела се хоспитализирани 203 случаи со полесна клиничка слика. Во Скопје денеска се хоспитализирани 179 лица, во Воената болница, Клиниката за детски болести и на Инфективната клиника.
Меѓу хоспитализираните има со и без хронични заболувања и станува збор за помлади пациенти. Триесет отсто од заболените се на возраст од 15 до 19 години.
Директорот на Инфективната клиника во Скопје Звонко Миленковиќ укажа дека на Клиниката се хоспитализирани пациенти со тешка клиничка слика со комплицирани форми на болест со бактериски компликации на долните дишни патишта. На респиратор се два пациента. Има повеќе пациенти со тешка клиничка слика, а во моментов нивниот број изнесува шест и тие се на Интензивна нега. Меѓу хоспитализираните има случаи со хронични заболувања, опструкции на бели дробови, дијабетес, астма итн.