Скопје, 4 декември (МИА) - Вакцинацијата на населението против новиот грип тип А (Х1Н1) почнува денеска во Македонија, а приоритет ќе имаат ранливите групи како што се бремени жени (над три месеци бременост), хронично болни деца над 6 месеци и хронично болни возрасни лица (со претходно обезбедена потврда од својот матичен лекар дека станува збор за лице со хронична болест).
Почетокот на вакцинацијата симболично ќе го означи министерот за здравство Бујар Османи, кој ќе се имунизира во Градскиот завод за здравствена заштита.
Вакцинацијата против новиот грип е бесплатна и ќе се врши во Центрите за јавно здравје ширум земјата, секој ден, во периодот од 8 до 20 часот за возрасни лица, како и во здравствените домови (во службите за вакцинација) за деца од 6 месеци до 18 годишна возраст.
Во Македонија вчера пристигнаа дополнителни 20.000 вакцини против новиот грип, производство на „Бакстер“. Првите 5.000 вакцини против новиот грип од производителот „Новартис“ пристигнаа во Македонија како донација од Турција, а на 21 ноември почна вакцинацијата против новиот грип на лекарите и медицинските сестри во државата.
Министерството за здравство соопшти дека вакцините кои се употребуваат во Македонија се произведени од реномирани светски фармацевтски компании и одобрени за употреба од страна на Агенциите за лекови на САД и ЕУ. Светската здравствена организација потврди дека вакцините против новиот грип се безбедни дури и за хронично болните, бремените жени и малите деца.
Досега во светот вакцина против новиот грип примиле над 80 милиони лица.