Брисел,15 јануари (МИА) - Моја порака е да продолжите со реформите и навистина сакам да успеете, а во меѓувреме НАТО ќе биде тука за да помогне. Влезот на Македонија во НАТО зависи и од решението на спорот за името. Колку побрзо се реши, толку побрзо Македонија ќе биде дел од Алијансата, потенцираше генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен по денешната средба во Брисел со македонскиот премиер Никола Груевски.
Расмусен посочи дека треба да се покаже интензивност во спорот за името со Грција. Тој ги поздрави напорите на медијаторот Метју Нимиц за решавање на проблемот и изрази силно уверување дека набргу ќе ја види Македонија приклучена во НАТО.
На првата средба на премиерот Груевски во седиштето на НАТО со Расмусен, по неговото доаѓање на оваа функција на местото на Јаап де Хоп Шефер, се разговараше за достигнувањата и перспективите на Македонија за членство во Алијансата, како и за досегашните и идните реформи на земјата во рамките на евро-атлантските интеграции, јави дописникот на МИА од Брисел.
- Вратите на НАТО ни се отворени, но имаме проблем со името кој мора да се реши. Тој процес трае од самостојноста на Македонија и сме фокусирани на оваа тема. Се обидуваме да најдеме решение со кое ќе бидат задоволни и двете страни. Македонија ќе продолжи со сите реформи за да одиме понапред, за подобар квалитет на живеење, како и за членството во НАТО. Секако дека ќе продолжиме да придонесуваме за стабилноста во регионот, изјави премиерот Груевски по средбата.
Генералниот секретар на Алијансата Расмусен потенцира дека Република Македонија е земја која извезува безбедност.
- Сакам да го искажам големото значење на добрите релации помеѓу Македонија и НАТО, нагласи тој по средба, заблагодарувајќи му се на македонскиот премиер Никола Груевски, за учеството на македонските мировници во мисијата ИСАФ во Авганистан.
На новинарско прашање дали може лично повеќе да се ангажира за решавање на спорот за името, Расмусен рече дека НАТО како организација не се меша и нема да се меша во билатерални прашања како што е и спорот меѓу Скопје и Атина.
- Ги следиме внимателно разговорите и го поддржуваме посредникот на ОН Метју Нимиц да го води процесот и да се дојде до решение, се надевам наскоро. Ги охрабруваме сите страни вклучени во процесот да покажат прагматизам и да излезат со иновативни идеи како да се реши овој предизвик, изјави генералниот секретар на НАТО.