Битолската самоуправа ќе го заштити еврејскиот портал Битола, 17 март (МИА) - Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска информира дека локалната самоуправа веднаш ќе ги санира предизвиканите штети и ќе го заштити Еврејскиот портал и еврејските гробишта во овој град.
- Го осудувам несовесното однесување и извршениот вандализам кон овој важен споменик на културата, односно еврејските гробишта. Иако овој објект не е во надлежност на локалната самоуправа, сепак одлучив веднаш и брзо да интервенираме, односно општината на свој трошок да ги санира направените штети што деновиве ги претрпил овој објект, рече градоначалникот Талески на прес-конференција.
Тој најави дека ќе побара Еврејската заедница и израелскиот амбасадор во Македонија, да се вклучат во заедничката грижа кон одржување на еврејските гробишта во Битола по примерот на Француските или Српските гробишта во овој град за кои соодветна грижа покажуваат нивните амбасади и почесните конзули.
|