Атина, 23 март (МИА) - „Република Северна Македонија“ е име што ги задоволува грчките барања, вели заменик-шефот на дипломатијата на Грција Димитрис Друцас во интервју за телевизијата „Скај“.
- Познато е дека медијаторот Метју Нимиц го изнесе името „Република Северна Македонија“ како идеја во минатото. Грчката позиција за име со географска одредница е добро позната и според таа логика секој може да заклучи дека тоа е во рамките на размислувањата на грчката страна, изјави Друцас.
Според него, директните контакти меѓу двете страни како што е претстојната средба на премиерите Јоргос Папандреу и Никола Груевски можат да го помогнат процесот што се води под покровителство на ОН.
- Грчката Влада има политичка волја за затворање на прашањето. Нашата позиција и „националната црвена линија“ се добро познати. Очекуваме политичкото раководство на ПЈРМ да го смени својот пристап, да настапи конструктивно на преговарачката маса во ОН и ако постои политичка волја проблемот наскоро може да се реши, вели Друцас.
Прашан дали Вашингтон врши притисок врз Атина со цел Скопје што побрзо да влезе во НАТО, тој не одговора директно, но посочува дека дека постои желба кај дел од земјите меѓу кои и САД да ја видат Македонија во Алијансата и да се забрза тој процес. Интеграцијата на северниот сосед во НАТО, додава Друцас, е желба и на Грција, но повторува оти услов за тоа, како и за почетокот на преговорите со ЕУ, е претходно решавање на прашањето за името. Од САД очекува да го „одиграат својот дел“ и да извршат влијание врз раководството во Скопје.
Во врска со можноста на јунскиот самит на ЕУ на крајот на шпанското претседавање да биде одреден датум за старт на преговорите за членство на Македонија, заменик министерот за надворешни работи на Грција оценува дека тоа не е исклучено и нема да е проблем ако дотогаш се реши името.