Призрен, 26 јуни 2010 (МИА) - Не можам да коментирам туѓа изјава. Веројатно тој има информации штом дал таква изјава. Меѓутоа, комуникацијата што постои во последно време и дијалогот меѓу премиерот Груевски и премиерот Папандреу укажува дека се стекнува доверба што може да резултира со решение. Тоа решение мора да биде во рамки на Обединетите Нации, односно процесот што го води медијаторот Нимиц.
Ова е одговорот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој учествува на регионалната лидерска средба во Призрен, на новинарско прашање во врска со изјавата на министерот за надворешни работи на Белгија Стивен Ванекере дека спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе се реши за неколку седмици, јави известувачот на МИА.
Претстојното белгиско претседателство со ЕУ располага со информации дека спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе се реши за неколку седмици. Тоа, пренесе „Дојче веле“, го кажал вчера шефот на белгиската дипломатија Стивен Ванекере, одговарајќи на новинарско прашање дали под белгиско претседателство со ЕУ ќе биде усвоена препораката за старт на пристапните преговори со Македонија.
- Вчера повторно имав контакти со важни луѓе од областа на надворешните работи, на сите им е јасно дека е важна дискретноста во преговорите кои се одвиваат меѓу Грција и претставниците на ПЈРМ за да можат да донесат решение. Но, треба да бидеме дискретни, ова е нешто што би требало да се реши во следниве седмици, нема да давам изјави кои би можеле да му наштетат на процесот, но мислам дека ќе се изнајде решение, рече Ванакере.