Скопје, 26 септември 2010 (МИА) - Министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Миле Јанакиески и Љупчо Димовски попладнево ги посетија поплавените места во струмичко-валандовскиот регион од врнежите во изминатата ноќ со цел лично да се запознаат со состојбите.
Во валандовскиот регион синоќа наврнале 85 литри, додека во Струмичко 52 литри дожд на метар квадратен.
- Ќе помогнеме и ќе излеземе во пресрет во оној дел што е во надлежност на Владата за да се надмине оваа ситуација. Во моментов сите регионални патни правци се проодни, а најголем дел од локалните патишта се веќе расчистени, рече министерот Јанакиески.
Според Димовски, од поплавите има оштетување на дел од земјоделските површини.
- Ќе гледаме да помогнеме во делот на финансиските средства колку што може, како и во делот на техничките средства и советодавната-консултантска помош, истакна министерот Димовски.
Локалната самоуправа во Струмица веднаш ги презела сите мерки за исцрпување на водата од поплавените објекти, како и расчистување на улиците, пропустите и мостовите на одводните канали од нанесениот материјал, ангажирајќи механизација на „Комуналец“- Струмица, Територијалната противпожарна единица од истиот град, како и градежните фирми „Ки-по“, „Градба“, „Габро“, „Жикол“, „Национал“ и други.
Од поројниот дожд, како што соопштуваат од Центарот за управување со кризи, има одрони на патниот правец Струмица-Валандово, а на расчистување работи „Македонија Пат“.
Општина Струмица ја ангажира Комисијата за утврдување на материјални штета, која ќе врши увид на лице место и ќе ја утврдува висината на штетата.
Во Валандово има поплавени објекти покрај одводниот канал од винарската визба кон новата населба. Оштетени се и патишта и улици во тој регион, потпорен ѕид на тениското игралиште во должина од 15 метри и висина од два метри, а има прекин на сообраќајот поради наноси и истекување на одводниот канал, кај бензинската пумпа на „Мак-Петрол“.
Поплавени објекти и подрумски простории има и во населените места Марвинци, Балинци, Брајковци, Пирава и Јосифово. Во Пирава се оштетени дел од улиците и канализационата и водоводната мрежа, поради што има прекин во водоснабдувањето. Поради поплавата отежнат е сообраќајот на правецот с.Марвинци - Валандово, со што е пренасочен преку Марвинци.
Во Валандово и населените места има и оштетување на моторни возила, механизација и покуќнина од поплавените објекти.
Без вода за пиење останаа населените места Добрешинци, Висока Маала и Нова Маала, а прекини во електроснабдувањето нема. Материјалната штета ќе биде дополнително утврдена од страна на комисија.
Советот на општина Валандово денеска одржа вонредна седница на која се расправаше за штетите од невремето во Валандовско. На седницата беше донесена одлука постојната општинска Комисија за проценка на штети од елементарни непогоди да излезе на терен и да направи увид за состојбата по невремето.