Скопје, 27 септември 2010 (MIA) - Турција ќе остане пријател на Република Македонија каков што и досега била, а Македонија независно од се, треба да остане на патот кон остварување на реформите со што сите аргументи ќе бидат на нејзина страна во настојувањето за зачленување во ЕУ и НАТО.
Ова го изјавил турскиот претседател Абдула Ѓул за време на средбата во Истанбул со претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој се наоѓа во дводневната официјална посета на Република Турција.
Како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, на средбата Вељаноски се заблагодарил за принципиелниот став на Турција во однос на членството на Македонија во ЕУ и НАТО и на поддршката, која турскиот народ несебично му ја дава на македонскиот народ. Тој, се додава, изразил убеденост дека по пример на добрите политички односи на сите нивоа во блиска иднина ќе биде продлабочена и економската соработка меѓу двете држави.
Вељаноски во Истанбул денеска се сретнал и со вселенскиот патријарх Вартоломеј, при што изразил задоволство што средбата се случува токму денеска, на Крстовден. Тој изразил благодарност и почит кон пасторалниот и духовен придонес кој го дава Цариградската патријаршија во целата православна екумена, на која и припаѓа и македонскиот народ и Македонската православна црква - Охридска архиепископија.
Претседателот Вељаноски, меѓу другото, изразил убеденост дека во духот на православието кое е еден од столбовите на националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ, само со дијалог, волја и почит кон другиот и различниот може да се надмине секој спор, да се најде решение за секое прашање.
На средбата Цариградскиот патријарх во врска со црковниот спор изразил надеж дека во блиска иднина ќе се реши и искажал желби за што поскоро изнаоѓање на решение за спорот со името.
Претседателот Вељаноски пренел поздрав од Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и упатил покана за посета на Република Македонија, а од името на Собранието на Република Македонија, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подарил икона со Богородица, се наведува во соопштението од Кабинетот на Вељаноски.