Скопје, 16 ноември 2010 (МИА) - Извештајот како објективна проценка го помина тестот на времето бидејќи ЕК го применува 15 години и тоа подеднакво со исти критериуми за сите држави и многу е ретко државата која го добива извештајот да ги доведува во прашање неговите оценки. Затоа разочарувачки е да се види дебатата што почна минатата недела околу овој Извештај. Се надевам дека сега прашината ќе слегне и дека сите институции целосно ќе се фокусираат на содржината на Извештајот.
Тоа го изјави европретставникот Ерван Фуере на денешното предавање пред студентите на ФОН Универзитетот за Годинашниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Тој повтори дека Извештајот ја дава реалната слика за земјата и треба да послужи како водич кој ќе и помогне во спроведување на реформите кои се уште недостигаат.
- Тоа не е школски учебник или испит, тоа е водич за Владата да работи на извештајот и да се обиде да создаде акциски план кој ќе се фокусира посебно на тие реформи кои се од суштествено значење за иднината на земјата. Ќе биде жално ако се минимизираат слабостите. Напротив, силата на секоја земја е да прифати дека има слабости, дека недостигаат реформи и да работи на нив, а не да се обиде да ги сокрие, рече Фуере.
Во врска со тоа до каде би била Македонија денес во процесот на евроинетраграција ако не беше проблемот со името и дали во тој случај другите проблеми како реформите би биле од второстепено значење, Фуере рече дека „приоритетите со кои се соочува земјата е прашање за кое Владата треба да одлучи“.
- Кога беше потврдената препораката од ЕК, до Владата беше јасно кажано да ја употреби (препораката) на најдобар можен начин да се реши засекогаш спорот за името, зашто тоа е од суштествено значење. Советот на ЕУ одлучува за сите прашања за проширување едногласно со консензус, затоа тоа е избор со кој е соочена Владата и сите ние континуирано ја охрабруваме и го поздравуваме фактот дека имаше важни напори годинава со билатералните разговори меѓу двајцата премиери. Сега она што сакаме да го видиме е храброст да се донесат тешки одлуки, за која лидерите и се избрани да бидат лидери и да водат, рече Фуере.
Според него, во исто време Владата мора да продолжи со реформите кои се важни и оти ќе биде погрешно ако спорот за името се користи како изговор да се скријат реформите.
- Реформите се од еднаков приоритет за Владата и за земјата бидејќи се суштествени за иднината на државата, рече Фуере со укажување на ирскиот случај за членство во ЕУ.
Одговарајќи на прашање за употребата на терминот државен јазик во Извештајот на ЕК, евроамбасадорот вели дека е чуден начинот на кој се случија овие работи.
- ОН ја корегираа ситуацијата која не знам од каде настана, а ЕУ ги следи насоките на Светската организација. ЕУ не е вклучена во работи за менување на идентитетот на луѓето. Напротив, силата на ЕУ е во различноста која постои во неа и ние ги почитуваме различните идентитети. Сепак, не е коректно да се злоупотребува концептот на идентитетот за политичко-партиски и домашни цели. За жал ако се случи тоа создава емоции за нешто што не треба, што е свето за секого и не е предмет на преговори. Жалам што некогаш има обиди за политизирање на концептот на идентитет со мотиви кои немаат никаква врска со самиот идентитет. Се надевам дека дебатата за ова ќе се води со порационален пристап и оти ќе се фокусираме на многу од клучните прашања содржани во Извештајот за напредок, рече Фуере.
Тој забележа дека истиот термин „државен јазик“ бил користен и во минатогодишниот извештај за Македонија, но оти тогаш немало реакции.
- За нас државниот јазик е македонскиот јазик. Можеби за 20 години и албанскиот ќе биде исто така, или српскиот, ромскиот. Во Јужна Африка постојат 11 официјални јазици со кои се признаат сите различни етнички заедници. Тоа може и тука да биде да има два, три, или пет јазици, рече Фуере.
Запрашан во врска со честите напади на неговата личност од страна на медиумите и политичари, вели тоа е болно за него и го одразува фактот дека политиката во државата се персонализира, постои тон на одмаздливост што е вознемирувачки.
- Тоа исто така одразува постоење на страв во општеството. Луѓето се плашат да зборуваат отворено и тоа е крајно сериозно за иднината на земјата. Се надевам дека еден ден одмаздливоста која е присутна во политичкиот диксурс овде ќе биде елиминирана и дека луѓето ќе работат заедно во духот на консензус, бидејќи тоа е единствениот начин за напредок. Можам да ја замислам фрустрацијата која многу од вас ја чувствувате кога ќе вклучите телевизор и ќе видите дека главните политички партии се навредуваат меѓу себе. Тоа е губење на време и се сомневам дека за тоа се избрани од народот, рече европретставникот и посочи на за него омилениот пример за вакви ситуации со Нелсон Мендела.
Во контекст на денешниот Меѓународен ден на толеранцијата, Фуере укажа на значењето на целосната имплементација на законите и на толеранција . Во тој контекст упати на изнесените забелешки дека Законот за антидискриминација кој го донесе Македонија не ги одразува целосно европските стандарди, а со оглед дека е еден од условите за членство ќе треба да се измени.