Вашингтон, 17 ноември 2010 (МИА) - Администрацијата на Барак Обама треба да се заложи за итен прием на Македонија во Северноатлантската алијанса на Самитот во Лисабон и да бидат предводник во поддршката на проширувањето на НАТО, сугерира аналитичарот на американската фондација „Херитиџ“ Сели Мекнамара во анализата „Стратегискиот концепт на НАТО 2010: Пет индикатори за успех“.
- Македонија ги исполни сите услови за членство во Алијансата и уште во 2008 ги комплетира сите барања од Акцискиот план за членство. Земјата е и меѓу најголемите контрибутори според бројот на жители во мисијата на НАТО во Авганистан, наведува Мекнамара.
Според неа, НАТО треба да застане цврсто зад политиката на отворени врати и со новиот Стратегиски концепт да прати порака дека е отворена за соработка.
Мекнамара оценува дека претстојниот Самит на Алијансата во Лисабон доаѓа во многу значајно време кога се означуваат 10 години од операциите на НАТО во Авганистан, но и во услови кога администрацијата на Обама поради слабото одржување на врските со Централна и Источна Европа предизвика некои сојузници да го доведат во прашање кредибилитетот на НАТО како гарант за нивниот територијален интегритет.
Успехот на новиот концепт на Алијансата, посочува Мекнамара, ќе се гарантира и оценува според неколку индикатори: рамноправна распределба на товарот меѓу земјите-членки за заедничката одбрана; потврдата на принципот дека колективната одбрана значи НАТО да ги штити своите граници, но да дејствува и преку нив за да ја обезбеди својата сигурност; продолжувањето на стратегијата за заштита и одбрана која вклучува распоредување одбранбено оружје и присуство на американски сили и тактичко нуклеарно оружје во Европа; реафирмација на натамошното проширување на Алијансата; и давање приоритет на НАТО во европската безбедносна архитектура.