Скопје, 20 ноември 2010 (МИА) - Претседателот Ѓорге Иванов, заедно со министрите за надворешни работи и за одбрана Антонио Милошоски и Зоран Коњановски, денеска учествуваат на НАТО Самитот што се одржува во Лисабон, Португалија.
Република Македонија на Самитот во Лисабон е поканета како земја-придонесувач во мисијата ИСАФ во Авганистан и како земја-кандидат за членство во НАТО.
Делегацијата предводена од претседателот Иванов ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади за земјите - придонесувачи во мисијата на Алијансата во Авганистан, на кој ќе се расправа за заложбите на НАТО сојузниците и партнерите за обезбедување дополнителни ресурси за потребите на мисијата ИСАФ, транзицијата на безбедносните овластувања на авганистанските власти и градењето долгорочно стратешко партнерство меѓу НАТО и авганистанската Влада.
Како што е најавено, на состанокот на кој како воведничари се очекува да бидат претседателот на Авганистан Хамид Карзаи, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, на ЕК Жозе Мануел Баросо и на Светската банка Роберт Зелик, ќе се обрати шефот на македонската држава Иванов.
Се очекува учесниците во ИСАФ мисијата да усвојат Декларација за Авганистан која ќе го нотира постигнатиот напредок и идните ангажмани.
За време на Самитот, во рамки на претседавањето на Република Македонија со Јадранската повелба, ќе биде оддржана и средба на шефовите на делегациите на А5 земјите - Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Лидерите на 28 земји треба да го утврдат и новиот стратешки концепт за идните 10 години, во кој треба да се инвестира околу 200 милиони евра. „Активно учество-модерна одбрана“ може кратко да објаснат промените потребни во рамки на новата стратегија.
Ракетниот одбранбен штит во Европа, соработката на Алијансата со Русија и понатамошното ангажирање на странските трупи во Авганистан ќе бидат во фокусот на дискусиите на врвот на НАТО во Лисабон.
Иако Македонија ја добива поддршката за итен прием од повеќе пријателски земји, американски сенатори, конгресмени и влијателни фондациии, како што е „Херитиџ“, сепак, на агендата на Самитот не е предвидено проширување на Алијансата со нови земји-членки.
Македонија е со очекување во Лисабон да се испрати јасна порака дека вратите на НАТО се отворени.
Според министерот Коњановски прашање на време е кога ќе победи принципиелноста над непринципиелноста и кога Македонија ќе биде полноправна членка на НАТО. Коњановски смета дека изненадувања не се можни затоа што уште на Самитот во Букурешт Македонија покажала спремност, политичка зрелост и успешни реформи. Единствено е можно НАТО принципиелно да го вреднува она што Република Македонија го прави во однос на Алијансата, во однос на регионалната соработка и билатералните односи со земјите. Подготвени сме како Влада и како држава, потенцира тој, да го надминеме и тој последен чекор, тој спор кој ни се наметна со непризнавање на нашето уставно име од страна на Грција.
Македонија иако ги испони сите услови не доби покана за членство во НАТО на Самитот во Букурешт во април 2008 година поради ветото од Грција. Лидерите на Алијансата на состанокот на Северноатланскиот совет се согласија покана да и биде упатена штом се реши прашањето за името.