Скопје, 29 ноември 2010 (МИА) - Министерот за здравство Бујар Османи попладнево, по посетата на Тетовската болница каде денеска при пад на покривот на установата загина едно лице, изјави дека е почната истрагата која треба да покаже дали невремето или човечки фактор е причина за несреќата.
Министерот Османи попладнево во придружба на вицепремиерот Абдулаќим Адеми ја посети болницата во Тетово и се сретна со раководството на здравствената установа. Целта на посетата беше да се утврдат идните активности со чие преземање ќе се гарантира безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал.
- Покривот е релативно нов и е поставен пред околу три години, односно на почетокот од 2008 година. Последните случаи од Гостивар и Тетово покажуваат лоша состојба на објектите што бара веднаш да се спроведе увид за состојбата на сите здравствени установи во Македонија, рече министерот Османи.
Тој истакна дека е шокиран од денешната несреќа во Тетово и му изрази сочувство на семејството на почината девојка.
Директорот на Клиничката болница во Тетово Атила Реџепи, посочи дека поради тоа што покривот бил направен пред помалку од три години не бил земен предвид за реконструкциите кои моментално се спроведуваат на дел од објектите на болницата.