Брисел, 30 ноември 2010 (МИА) - Успешен крај на осмиот по ред Мешовит парламентарен комитет на ЕУ и Македонија во Брисел. Парламентот со препорака за почеток на преговори за Република Македонија. По дводневната расправа за широкиот спектар на теми кои се дел од процесот на интеграции за Македонија, заврши состанокот на Мешовитиот комитет со кој претседава германскиот европратеник Јоргос Шацимаркакис и копретседавачот македонскиот парламентарец Александар Спасеновски.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во дискусиите европратениците го поздравија напредокот на Република Македонија во економијата и во справувањето со последиците од економската криза.
Исто така, на состанокот беше констатиран напредок во политичкиот дијалог, кој го постигнала државата при што според изјавите, Македонија и во политичкиот дел е на ниво на стандардите во ЕУ.
Во однос на претстојниот попис, македонските пратеници и европратениците ги повикаа сите политички партии во Македонија да создаваат и да придонесуваат за атмосфера за негово успешно спроведување.
Словенечкиот европратеник Милан Звер и честита на Македонија за напредокот во судскиот систем, подвлекувајќи дека ЕУ треба да и даде зелено светло за влез во ЕУ.
Чешкиот европратеник Јиржи Хавел и честита на Македонија во борбата против корупцијата и тој воедно изјави дека е несреќен што неговата држава Чешка, која е членка на ЕУ се движи кон спротивна насока.
Расправата помина во мирна атмосфера, се препорача да почне со преговори во најкус можен рок.
Во Брисел од македонското Собрание пристигнаа пратениците Александар Спасеновски и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, Рафис Алити од ДУИ, Славица Гркова Лошкова од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП.
Шефот на македонската делегација Александар Спасеновски изрази особено задоволство што ЕУ цврсто стои зад интеграцијата на Република Македонија во ЕУ. Им препорачува на останатите институции што поскоро на Македонија да и овозможат да ги отпочне преговорите за членство за да фати чекор со Република Хрватска.
За време на состанокот се усвојуваа амандманите. Германскиот европратеник Михаел Крамер како и останатите пратеници на состанокот го осудија однесувањето на грчкиот пратеник Јоргос Кумуцакос кој дојде во салата во последните 15 минути, иако состанокот траеше два дена.
На предлог на пратеникот Влатко Ѓорчев, Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија усвои препорака за отворање на граничниот преми Берово-Сандански што е особено важно за развојот во источна Македонија. Амандманот беше едногласно изгласан. Ѓорчев информираше дека сите градежни работи околу патната инфраструктура од македонска страна се завршени, а останува да се заврши патот од бугарска страна.
За денешниот и вчерашниот ден околу состанокот пратеникот Ѓорчев изјави дека првиот ден, според него имало теми за кои сите се согласувале како и теми на кои што имало несогласување, претежно од грчки европарламентарци како и различни прашања и мислења со неколку бугарски европарламентарци.
Ѓорчев во изјавата ги потврди усвојувањата на повеќето амандмани, додавајќи дека сите амандмани кои ги предложила македонската делегација биле прифатени. Одредени амандмани кои не биле поволни за Република Македонија, а кои што биле предложени и заеднички потпишани од претставници на ПАСОК, Неа демократија и ЛАОС, конкретно од поранешниот портпарол на владата на Караманлис, Кумуцакос не биле прифатени, што според пратеникот Ѓорчев е позитивно за македонската страна.
Свое излагање при крајот на состанокот имаше и вицепремиерот Васко Наумовски кој се обрати за случувањата поврзани со Перо Наков бб.