Шефовите на држави или влади и други високи претставници на 56 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска во казахстанскиот главен град Астана го почнаа седмиот Самит на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ.
Дводневниот собир го отвори Нурсултан Назарбаев, претседателот на Казахстан, земјата која годинава претседава со ОБСЕ.
- Тоа што почна во Хелсинки пред 35 години, се прошири на територија од Ванкувер до Владивосток, сега треба да влезе во нова фаза - унапредување на евроатлантската и евроазиската безбедност, рече Назарбаев, порачувајќи дека Самитот е добра можност да се анализира досегашната и идната улога на ОБСЕ за глобалната безбедност.
За уште посилна соработка на просторот што го покрива ОБСЕ се заложи и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. - Не толку одамна не можеше ни да се замисли дека луѓе од толку широка област ќе се здружат и ќе дебатираат за меѓусебната соработка. ОБСЕ помогна да се постави патот кон новата ера на дејствување и соработка, оцени првиот човек на Светската организација.
Учесниците на Самитот, меѓу кои и рускиот претседател Дмитриј Медведев, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Силвио Берлускони, американскиот државен секретар Хилари Клинтон, претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј, денеска и утре ќе разговараат за иднината на Организацијата, за стабилизацијата на Авганистан, за релациите Русија – Грузија, политичката криза во Киргистан, за најновите тензии на Корејскиот Полуостров, за борбата против тероризмот и трговијата со дрога.
Претседателот Иванов кој активностите во Астана ги почна вчера со средба со казахстанскиот претседател Назарбаев, денеска треба да има обраќање на Самитот, како и неколку билатерални средби.
Покрај лидерите на 56. земји членки на ОБСЕ, на собирот присуствуваат и претставници на 12 држави партнери, на шеесетина меѓународни организации и на 500 невладини организации. За известување од настанот се акредитирани 1000 новинари.
Самитот во Астана се одржува 11 години по последниот во Истанбул и е седми во 35 годишната историја на ОБСЕ, која почна во 1975 година кога лидерите на тогашните Западна и Источна Германија Хелмут Шмит и Ерих Хонекер, претседателот на САД Џералд Форд и австрискиот канцелар Бруно Крајски го потпишаа Завршниот документ од Хелсинки, основачкиот документ на денешната Организација за безбедност и соработка во Европа.