
Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик. Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што на годинашниот кум Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“, ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. Ќупот на бината ќе го донесе минатогодишниот кум-бадникар Јовица Угриновски.
Здравицата за здравје, среќа и успех ќе ја каже Владимир Ангеловски-Дади, актер во Драмскиот театар во Скопје, а на сограѓаните ќе им се обрати градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Бадникарските среќавања пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе започнат со подигањето на Бадникарското знаме и изведување на химната. Ќе следи осветување на бадниковите гранчиња, чајот, нафората и греаната ракија од свештенослужители од храмот, по што ќе започне нивно бесплатно делење.
Традиционално, делегација на Одборот заедно со овогодинешниот кум Мукаетов ќе го посети Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, каде тој ќе врачи пригодни подароци. На манифестацијата ќе настапат естрадни уметници, кои ќе изведат пригодна програма.
Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.
Ноќта пред Бадник во скопските маала и во другите населени места во Македонија се одржаа народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутринава Рождеството Христово го најавуваат децата коледарчиња кои одат по домовите и пеат коледарски песни.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството.