Скопје, 30 март 2011 (МИА) - СДСМ ќе учествува на предвремените парламентарни избори, објави лидерот на партијата Бранко Црвенковски кој рече дека од денеска опозициската партија веќе нема никакви барања.
- Во Парламентот не се враќаме и веќе не водиме никакви преговори со ВМРО-ДПМНЕ и власта, изјави на прес-конференција Црвенковски во седиштето на партијата.
Црвенковски рече дека нема да му дозволи на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да ја натера опозицијата на бојкот.
Му порача на неговиот политички опонент Груевски и на владејачките партии „да донесат каков сакаат изборен законик и избирачки список и да трошат од Буџетот колку сакаат за нивно рекламирање по медиумите. - Само соопштете го денот на избори и ние сме тука, рече Црвенковски.
Лидерот на опозициската партија ги повика граѓаните да го поддржат и изрази уверување дека неговата партија ќе ја победи ВМРО-ДПМНЕ на претстојните предвремени парламентарни избори.