Најдобрите ученици-спортисти во училишен спортски камп во Дојран Скопје, 29 јуни 2011 (МИА) - Најдобрите ученици спортисти (242) од основните и средните училишта учествуваат во училишниот спортски камп што од вчера до 3 јули се одржува во Дојран. Ќе се натпреваруваат во повеќе спортови (одбојка, кошарка, карате, шах, борење, џудо, пинг-понг, ракомет, футсал), а тренери ќе им бидат познати македонски спортисти од спортовите кои се застапени во системот на натпревари во училишен спорт.
Од 20-ти до 25 јуни летен камп се одржа и во Охрид. Организатори на спортските кампови се Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт во соработка со Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Покрај спорт и натпревар, учесниците ќе слушаат и предавања на различни теми, како здрав живот, пороци, антидопинг, фер-игра, навивање...
- Во оваа учебна година во системот на училишен спорт се вклучија околу 40.000 ученици од основните и средните училишта во Македонија. Повеќе од 350 училишта учествуваа на општинските натпревари во најмалку еден спорт. Најдобрите, околу 3.000 ученици, учествуваа на државните натпревари, рече министерот за образование и наука Никола Тодоров на прес-конференција.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Диме Спасов, проектот ќе придонесе за развој, унапредување и популаризација на училишниот спорт, активното спортување и физичкото образование кај учениците.
- Со стипендиите на АМС и на МОН и со овој училишен спортски камп ги вреднуваме најуспешните ученици и екипи од државните училишта и лиги, односно почнуваме процес на создавање идни репрезентативци... Верувам дека учениците ќе имаат незаборавна спортска недела и дека ќе можат многу да научат од врвните спортски и тренерски имиња, како Зоран Бошковски, Марин Докузовски, Пепи Манасков, Индира Кастратовиќ, Јошко Миленковски, Жарко Миленковски и други, кои активно ќе ги следат младите спортисти во текот на кампот, рече Спасов.
|