Заврши мултимедијалниот фестивал „БОШ 2011“ во ГевгелијаГевгелија, 29 август 2011 (МИА) - Со полноќното издание на Офф Поп вечерта со Тони Димитров синоќа во Гевгелија заврши мултимедијалниот фестивал „БОШ 2011“.
Фестивалот во изминатите три дена изобилуваше со изложби, работилници, видео презентации и уметнички перформанси. Некои од нив беа премиерно прикажани, како што беше документарниот видео арт „И фабриките имаат душа“ на Наташа Гелева и Јане Алтипармаков, во продукција на „Soulmate“.
Сите фестивалски настани се одржаа на локации на отворено како што се Старата градска чаршија, Градскиот парк, дворот на Старата градинка и Пионерскиот дом.
Театарските гостувања беа резервирани за проектот „Слугинки“ на „NO NAME THEATRE“ во режија на Иван Јерчиќ, а изложбените поставки беа збогатени со графики и фотографски записи на авторките Наташа Гелева, Соња Димовска и Татјана Ранташе.
Третото фестивалско издание на „БОШ“ што се организира во знак на сеќавање на прерано починатиот гевгелиски актер и поет Бошко Бозаџиевски, годинава е дел од културниот проект „Гевгелија – Град на културата за 2011 година“ што го спроведува општина Гевгелија, под покровителство на Министерството за култура.
|