Презентација на проектот „Општествена одговорност на претпријатијата“Битола, 26 септември 2011 (МИА) - Министерството за економија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Сојузот на стопанските комори на Македонија во соработка со општина Битола, денеска го презентираа проектот „Општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија“.
На презентацијата во Битола професорот Владимир Петковски автор на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија, посочи дека многу субјекти имаат погрешно разбирање на општествената одговорност и ја сваќаат како трошок на фирмите.
- Концептот на општествена одговорност е многу поширок и не е трошок, напротив тоа е составен дел на бизнис стратегијата на претпријатието. Добро е што од државите во регионот Македонија предничи бидејќи има и Национална стратегија за општествена одговорност на претпријатијата и Национално тело, и сега останува имплементацијата на проектот во кој потенцираме дека националната награда за општествена одговорност на претпријатијата во Република Македонија да биде со прецизни критериуми и без злоупотреби, истакна Петковски.
Според битолскиот градоначалник Владимир Талески, општествената одговорност на претријатијата е еден од сегментите на зголемената транспарентност што го негува тамошната локална самоуправа и е посебно изразен преку Јавното претпријатие „Индустриска зона-Жабени“.
Глигор Михаиловски од Македонската развојна фондација за претпријатија во иднина очекува повеќе фирми од Битола да аплицираат за националната награда, а преку средствата за јавно информирање и поголема информираност за општествената одговорност на претпријатијата во Македонија.
Проектот „Општествена одговорност на претпријатијата во РМ“ е кофинансиран од ЕУ во рамки на Рамковната програма за конкурентност и иновации 2007-2013.
|