Скопје, 2 ноември 2011 (МИА) - Република Македонија е избрана за членка на Извршниот одбор на УНЕСКО за периодот 2011-2015 година на изборите што денеска се одржаа во рамките на 36-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, со изборот Република Македонија првпат во својата историја станува членка на најзначајниот орган на оваа важна Организација во системот на Обединетите нации.
- Изборот на Република Македонија во Извршниот одбор на УНЕСКО претставува признание за значителниот придонес на земјата во активностите на оваа Организација и Обединетите нации во целина. Тоа претставува уште една исклучителна можност за афирмација на државата како активен и одговорен член на меѓународните организации, по нејзиното претседавање со 62-то заседание на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 2007-2008 година и претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа во 2010 година.