Скопје, 4 ноември 2011 (МИА) - Како член на Европскиот парламент драго ми е што сум овде и што можам да кажам неколку зборa на македонски. Овде сум да и помогнам на вашата земја да влезе во ЕУ. Во последно време имаше сигнали од Брисел кои укажуваат на потешкотии и го осудувам тоа, бидејќи се уште верувам во брз прием на вашата земја. Имам само една цел да и помогнам на вашата земја да се приклучи во ЕУ во најкус можен рок, рече европратеникот Јорго Шацимаркакис на денешната прес-конференција во Собранието, зборувајќи на македонски јазик.
Германскиот европарламентарец со грчко потекло, кој е копретседавач на Мешовитиот парламeнтaрeн комитет Македонија - ЕУ, посочи дека земјава бележи напредок на сите полиња, некаде повеќе, а некаде помалку, што е нотирано и во извештајот на Европската комисија.
- Општо гледано Извештајот на ЕК се на се е позитивен. Ако се прегледаат сите поглавја ќе се види дека секаде е постигнат напредок, помал во некои поглавја, поголем во некои други поглавја, но се на се има напредок. Вистината е дека земјата оди напред, а ние сме тука за тоа да го одржиме и да ви помогнеме во тоа, порача Шацимаркакис.
Нагласи дека на Европската комисија ќе и ја пренесе Резолуцијата на Собранието на Македонија во која најостро се протестира поради неупотребата на придавката „македонски“ во последните три извештаи на Комисијата и оти се надева дека тоа ќе биде исправено во следниот извештај.
- На Мешовитиот комитете заеднички го поддржавме амандманот во кој се вели дека се нотира Резолуцијата на Собранието за отсуството на терминот „македонски“ во Извештајот за напредокот од ЕК. До 2009 година се користеше оваа придавка, а во трите последни извештаи ја немаше. Побаравме од Комисијата и очекуваме дека ќе ја нотира негативната перцепција и доживување на вашите граѓани и дека тоа ќе го земе предвид при изготовката на извештајот за наредната година, рече Шацимаркакис.
На состанокот се зборувало и за Охридскиот договор, неговото спроведување, за културниот диверзитет, за реформите на администрацијата и особено за борбата против корупцијата, за граѓанското општество и слободата на медиумите, како и а економската криза во еврозоната што влијае врз целиот Западен Балкан, особено поради состојбите во Грција. Станало збор и за транспортните коридори и за европските фондови и како тие се користат.
На вчерашната средба со премиерот Груевски, посочи Шацимаркакис, му честитал за 20 годишнината од независноста и за 10 годишнината од Рамковниот договор, но и за фактот што нема друга зeмja кандидатка или членка на ЕУ која што има толку силна поддршка за Унијата од дури 90 проценти.
- Има многу земји членки на ЕУ кои сонуваат за толку висока поддршка за Унијата, рече Шацимаркакис.
Прашан дали ќе има проблеми во Грција поради неговото обраќање на македонски јазик, тој рече дека не се плаши од тоа бидејќи многу луѓе во Грција зборуваат македонски и немаат никакви проблеми. Многу поголеми проблеми, наведе, “очекувам во Бугарија зашто мојот изговор може да заличи на бугарски“.
- Во Грција има многу луѓе кои зборуваат македонски и на кои им се допаѓа македонскиот јазик и немаат никаков проблем со јазикот и го нарекуваат македонски. Можам да ве потсетам дека еден од поранешните министри за надворешни работи го даде тој предлог да се нарекува „македонски“.
За ситуацијата во Грција истакна дека му се чини оти е хаотична, а на прашањето дали ќе се кандидира ако има нови парламентари избори во грчката држава одговори оти засега ќе остане каде што е.
- Не е прв пат во грчката историја да не знаеме како ќе се одвиваат работите, имавме слична ситуација и во 1974 година. Вечерва ќе има гласање за доверба на Владата на Папандреу и дури и да ја добие довербата ќе назначи друг премиер кој ќе ја предводи преодната влада што ќе биде на власт четири до шест месеци за да почне да ја спроведува програмата која беше одобрена на последната средба на ЕУ, рече Шацимаркакис. Последиците за Македонија од она што се случува во Грција, истакна, ќе влијаат особено на банкарскиот сектор, но не предвидува банкрот на грчките банки.
- Вашите системски банки се во голема мерка поврзани со грчките. Програмата за спас, особено простувањето на долгот предвидува 50 процентно простување на долгот од сите банки доброволно. За грчките банки тоа значи дека ќе треба рекапитализација од 30 милијарди евра. Ако грчките банки банкротираат и ако луѓето побрзаат да си ги земат парите од банките можете да видите што тоа ќе значи за вашата земја, рече Шацимаркакис.
На политичко ниво последиците ќе бидат дека Нова демократија под водство на Андонис Самарас ќе биде дел од новата грчка влада или ќе ја поддржи.
- Самарас добро го знаете како човек кој беше доста влијателен во покренувањето на спорот со името. Секако тој нема да тргне во промени на односите на двете земји. Не можам да предвидам што ќе се случи потоа, но ве уверувам дека Грција ќе разбере дека економската криза не може да биде оправдување засекогаш да не се решаваат прашања што ги засегаат односите меѓу соседите. Очекувам следната грчка влада по новите избори да усвои различен пристап кон целиот регион на Западниот Балкан.
За борбата против корупцијата Шацимаркакис рече дека смета оти корупцијата не е секогаш техничко прашање, туку дека најчесто се работи за менталитет.
- Сметам дека во нашите разговори видовме оти од една страна Владата придонесува за намалување на корупцијата, но дека има и промена на менталитетот. Од искуството на Грција знам дека треба време за тоа, истакна Шацимаркакис.
Копретседавачот од македонска страна Кенан Хасипи посочи дека во текот на овие два дена покажале висок степен на меѓусебно почитување, толеранција и подготвеност за изнаоѓање компромисини решенија.
- Преговорите беа тврди, но успеавме да го зачуваме нивото на професионалност и успеавме да се усогласиме по речиси сите точки. Исклучително сум задоволен што најдовме сили како две делегации да укажеме дека жалиме за изоставувањето на придавката „македонски“ од трите извештаи и да укажеме дека во иднина очекуваме ЕК во своите извештаи да се врати на методологијата што ја применуваше до 2009 година, рече Хасипи.
Говорењето на Шацимаркакис на македонски јазик, нагласи, беше силна порака дека има почит кон јазикот и идентитетот на македонската нација.
- Во текот на овие два дена разгледаме многу теми и разменивме многу мислења речиси за сите аспекти во односите меѓу Република Македонија и Европската унија, рече Хасипи.
Тој нагласи дека посебно се разговарало за слободата на медиумите, за реформите на јавната администрација и на судството, како и за потребата од вложување во инфраструктрата и изградбата на коридорите.