Скопје, 1 декември 2011 (МИА) - Со 26 гласа за, од вкупно 41 член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), професорот по кривично право, академик Владо Камбовски вечерва е избран за нов претседател на оваа научна институција.
Камбовски кој ќе ја води институцијата во наредните четири години беше и единствен кандидат за претседател на МАНУ.
Седницата почна вчера вечерта зад затворени врати, но беше прекината поради прекин во снабдувањето со електрична енергија во центарот на Скопје.
Новиот претседател на МАНУ ќе го замени Георги Старделов, чиј мандат истекува на крајот од годинава. Старделов беше прв човек на МАНУ од почетокот на 2008, кога функцијата ја наследи од академик Цветан Грозданов.